Во текот на летото беа колекционирани примероци од различни видови од фамилијата Cucurbitaceae. Најголем диверзитет беше детектиран кај тиквите, додека од лубениците и дињите беше собрано семе од летни и зимски форми, од локални сорти кои жителите ги одржуваат долго време. Традиционално, речиси секое семејство во руралните подрачја одгледува една или неколку локални популации тикви. Истите се наследуваат од генерација на генерација. Локалните сорти кои најчесто ги нарекуваат „балки“ имаа бела, крем, светло зелена, темно зелена и портокалова боја на кората. „Бананките“ имаа големи крушовидни плодови со жолта до портокалова боја. Локалното население одгледува различни популации за различна намена, па така, „печенките“ се за печење, „зелникарка“ за пити, а „воловарска“, „бишкова“ најчесто се користат како добиточна храна. Последните се одгледуваат и поради нивното семе, кое се користи во исхраната на луѓето. Во однос на семето, беа забележани варијации во однос на големината, формата и бојата. Некои локални сорти имаа „голо“ семе (без лушпа).